Констатирана оставката на Илире Даути од претседателка на собраниска комисија

пратеничката Илире Даути

Македонското Собрание на 16 ти јануари ја констараше оставката на пратеничката Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Таа денеска на собраниска седница ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок.

Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала. Даути која доаѓа од опозициската Алијанса за Албанците во својот говор во Собранието, истакна дека си ја исполнила својата работна задача според Деловникот.

„Ова е врвот на срамот што се случил во Собранието и е директна закана кон еден избраник од граѓаните, како и држење под контрола на истиот. Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот, рече Даути.

Видете и ова: Изгласана интерпелација за пратеничката Илире Даути


Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата тогаш не присуствуваа пратениците на СДСМ.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на 14 јануари во писмена изјава до медиумите истакна дека изгласаната интерпелација нема правна последица.

„Важно е да се напомне дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци“, изјави Гаши.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација.