Калас - Европа да го зголеми притисокот врз Москва да се стави крај на војната

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, рече дека Киев и неговите партнери треба да продолжат да вршат притисок врз Русија за подобрување на позицијата на Украина во евентуалните преговори за ставање крај на војната.

Калас, говорејќи на 14 јануари во интервју за РСЕ и неколку европски весници, рече дека зголемениот економски притисок врз Москва и нејзината меѓународна изолација се единствените начини да се спречи Русија да добие предност.

„Не треба да ги потценуваме нашите сопствени способности и да ги преценуваме Русите“, рече Калас:

„Русија понекогаш изгледа како мистериозна сила која не може да се победи. Ова не е точно. Посилни сме, и во однос на воените, и во однос на економските можности. Треба да им пристапиме на работите од позиција на сила“.

Знаците на оптоварување на руската економија вклучуваат: клучни каматни стапки над 20 отсто, во Гаспром намалување на 40 отсто од својот менаџмент, пазар на труд во „многу лоша состојба“ и регрутирање севернокорејски војници да се борат на страната на Москва, рече таа.

„Сето ова покажува дека тие не се во добра позиција“, додаде таа.

Видете и ова: Калас: Ако има „опиплив напредок“, ЕУ ќе ги намалува санкциите кон Сирија

Русија е убедена дека времето е на нејзина страна, но Калас рече дека верува дека тоа е погрешно и дека западните сојузници на Киев треба дополнително да го зголемат економскиот притисок.

„Гледаме дека нивните готовински резерви се целосно исцрпени. Тие имаат многу помал приход од продажбата на нафта и гас отколку порано“, рече таа.

Европската унија ќе разговара за санкциите додека тие се обидуваат да одлучат за 16-тиот пакет што ќе се совпадне со годишнината од војната на 24 февруари, изјави претставник на ЕУ за РСЕ. Тоа ќе биде суштински пакет и покрај тешкотијата да се најдат нови области за санкции, рече претставникот.

Затоа се очекува фокусот на пакетот да бидат технички и мерки против затајување. Покрај тоа, дискусиите ќе ги разгледаат увозните ограничувања на примарниот алуминиум, тарифите за земјоделските производи, вклучително и хемикалиите што се користат во вештачките ѓубрива и повеќе мерки за ограничување на таканаречената руска флота на танкери во сенка, според официјалниот претставник.

Калас изрази уверување дека Европската унија ќе може да одржи единство во својата политика за испраќање оружје и друга помош за Украина и покрај отпорот на неколку европски влади кои се симпатизери на Русија.