Чешкиот премиер Петр Фиала денеска, 14 јануари, порача дека неговата земја повеќе нема потреба да увезува руска нафта бидејќи е завршено проширувањето на Трансалпскиот нафтовод (ТАЛ) од Италија.
Договорот за проширување на гасоводот беше потпишан во мај 2023 година, повеќе од една година откако Русија ја започна инвазијата на Украина, што доведе до санкции за руската енергетика.
„Проширувањето сега е завршено. Русија повеќе не може да не уценува и имаме гаранција дека можеме целосно да се снабдуваме со нафта од Запад“, изјави Фиала.
ТАЛ транспортира нафта од италијанското пристаниште Трст до јужна Германија, каде што се поврзува со нафтоводот ИКЛ кој оди до Чешка.
Видете и ова: Што може да се очекува од ЕУ во 2025 година?Со проширувањето на овој нафтовод, Чешка, која е членка на НАТО и ЕУ, го удвои капацитетот на осум милиони тони годишно.
Чешкиот министер за финансии Збинек Станјура рече дека проширувањето чинело 1,5 милијарди чешки круни (61 милион американски долари) и било финансирано од државната компанија за транзит на нафта Меро.
Чешка ја прекина и зависноста од рускиот природен гас.
Земјата добиваше најголем дел од нафтата преку нафтоводот Дружба од Русија, изграден во 1960-тите, кога беше дел од советскиот блок во рамки на Чехословачка.
Набргу откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Европската унија го забрани најголемиот дел од увозот на нафта од Русија, но нафтоводот Дружба беше изземен бидејќи Чешката Република немаше многу други опции.
Видете и ова: Чешкиот премиер: „Мировната мисија“ на Орбан само му помага на ПутинФиала претходно вети дека Прага ќе се обиде да ја укине зависноста од Русија што е можно поскоро.
Извршниот директор на Меро, Јарослав Пантучек, рече дека иако малите работи допрва треба да се завршат на новиот нафтовод, Чешката Република преку ТАЛ сега може целосно да се снабдува со нафта до локалните рафинерии.
„Ние сме целосно способни да испорачуваме нафта на Чешката Република ако се запрат испораките преку Дружба“, додаде тој.
Во 2023 година, руската нафта сочинуваше вкупно 58 отсто од вкупниот увоз на нафта во Чешка, според податоците на чешкото Министерство за индустрија и трговија.
ТАЛ, кој работи од 1967 година, е во сопственост на конзорциум од осум нафтени компании, вклучувајќи ги Меро и светските гиганти Шел, Ени и Ексон Мобил.