Најмалку 11 жртви во пожарите во Лос Анџелес, растат критиките за властите

Лос Анџелес, 10 јануари 2025 година.

Најмалку 11 лица загинаа во бројните пожари кои изминатите денови го зафатија Лос Анџелес, но ветровите кои придонесоа за ширење на пожарите почнаа да слабеат.

Истовремено, се интензивираат дебатите за ефикасноста на спасувачките служби и одговорноста на властите.

Големи делови од вториот по големина град во Соединетите Американски Држави (САД) се опустошени. Уништени се околу 10.000 згради, а во пожарите беше зафатено повеќе од 14.000 хектари земјиште.

Како одговор на широко распространетите грабежи во уништените или евакуираните области, властите во најтешко погодените сектори Пацифик Палисадес и Алтадина воведоа полициски час од 18 часот до 6 часот наутро.

Видете и ова: Пожарите во Лос Анџелес се проширија и во Холивуд

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, укажувајќи на големата штета, повика на целосна независна истрага на службите за дистрибуција на вода во градот.

Демократски функционер го опиша како „длабоко вознемирувачки“ недостатокот на водоснабдување и губењето на притисокот на хидрантите во раните моменти на пожарот, што придонесе за негово ширење. Тој во отворено писмо наведе дека се потребни одговори за да се знае што се случило.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека тоа го потсетува на воените сцени со бомбардирања.

Најголемиот пожар, меѓу петте сè уште активни, уништи повеќе од 8.000 хектари земјиште на брегот на Малибу и богатиот кварт Пацифик Палисадес, каде што пожарникарите потврдија дека почнале да го контролираат пожарот.

Ветерот се намали во петокот, што им овозможи на пожарникарите да работат. Сепак, во петокот вечерта беше наредена нова евакуација во областа Палисадес.

Стотици илјади луѓе беа евакуирани низ Лос Анџелес. Војската беше распоредена и десетици луѓе беа уапсени за грабежи.

Видете и ова: Најмалку 10 жртви во пожарите во Лос Анџелес, евакуирани 180000 луѓе

Пред одлуката за воведување полициски час, жителите патролираа за да го заштитат имотот.

Жителите на Калифорнија се повикани да штедат вода откако некои резервоари со кои се снабдуваат противпожарни хидранти беа испразнети за време на напорите за гаснење на пожарот.

Федералната управа за авијација (ФАА) најави истрага откако дрон погоди и оштети хеликоптер. Штетите од овие пожари би можеле да бидат највисоки што некогаш случиле од ваков вид во САД.