Сиљановска-Давкова: Предлогот на Костадинов е непристоен, намерата не е чесна

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова

Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање, изјави денеска (9 јануари) претседателката Гордана Сиљановска Давкова коментирајќи ја изјавата на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Во однос на тоа какви се сигналите од Софија и комуникацијата меѓу неа и претставници на Софија, шефицата на државата во интервју за ТВ Алфа, изјави дека дијалозите меѓу нив се пристојни, одмерени но и со резерва, a дека меѓу граѓаните нема проблеми.

Претходно реагираше и македонското Министерство за надворешни работи, осудувајќи ја изјавата на Костадинов и опишувајќи ја како злонамерна.

И опозицискиот лидер, Венко Филипче, ги осуди изјавите на Костадинов и ги нарече иредентистички.

Тој повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои, според него, се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.

Видете и ова:

МНР ја осуди изјавата на лидерот на бугарска „Преродба“ за припојување на Северна Македонија кон Бугарија

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Бугарија сака Северна Македонија да го признае бугарското малцинство како национално малцинство. За да се постигне тоа, потребни се уставни измени.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски смета дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според претходното објаснување на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.

Државата ни е блокирана од нерационален и билатерален спор, порача македонскио премиер на 20. Европски самит во Салцбург посветен на ЕУ и реформите, во октомври 2024 година.

За усвојување на уставните амандмани потребно е двотретинско мнозинство. Парламентарното мнозинство во Северна Македонија во моментов се состои од 78 пратеници од вкупно 120 во Собранието.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.