Интерпол трага по водачот на секта чии членови живееле во БиХ и Северна Македонија

Потерница на ИНТЕРПОЛ за водачот на сектата Лев Тахор

Меѓународната полициска организација Интерпол распиша потерница по водачот на сектата Лев Тахор, Џонатан Емануел Кардон Кастиљо (23).

„Кастиљо е баран од полицијата во Гватемала под обвиненија кои вклучуваат трговија со луѓе, силување и злоупотреба на малолетници“, се вели во потерницата на Интерпол.

Околу триесет членови на екстремната еврејска секта Лев Тахор останаа во Босна и Херцеговина на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година. Дел од нив живееле и во Северна Македонија.

Видете и ова:

Членовите на „Лев Тахор“ имаат привремен престој - власта повика на толеранција

Службата за странци на Босна и Херцеговина тогаш објави дека станува збор за група од 37 државјани на Соединетите Американски Држави, Гватемала и Канада. Службата извршила надзор поради дојава од граѓани кои пријавиле дека „групата се однесува и изгледа чудно и се облекува чудно. Не разговараат со никого, бучни и гласни се додека вршат некои свои ритуали“.

„Странските државјани првично престојувале во областа на кантонот Сараево, по што се населиле во Источно Сараево“, соопшти Службата за работи со странци на Босна и Херцеговина.

„Со проверка на официјалната евиденција е утврдено дека лицата влегле во БиХ во текот на ноември 2021 година и дека престојуваат во БиХ врз основа на правото на безвизен престој“, беше објавено.

Надлежните безбедносни агенции извршиле дополнителни проверки на горенаведените лица, вклучително и евиденција на Интерпол, при што не е утврдено дека претставуваат закана за безбедноста.

Тие ја напуштија Босна и Херцеговина на 3 февруари 2022 година, откако истече периодот на безвизен престој од 90 дена за повеќето членови на групата.

Истиот период во Северна Македонија беа забележани членови на оваа група во Куманово. Дел од групата беше сместена во хотел во охридското село Горно Лакочереј. При пристигнувањето во земјава прво престојуваа во Куманово, од каде со полициско обезбедување се преместија во хотел Скопје.

Нивното невообичаено облекување и религиозните практики не минаа незабележано од локалците, а беше забележан инцидент при кој што беше нападната една од кумановските куќи каде беше сместена дел од групата. Локацијата на која беа сместени во Скопје се држеше во тајност, поради страв од напади.

„Луѓето непотребно се агресивни кон нас. Не бевме протерани од БиХ, тоа се само медиумски шпекулации, наш избор беше да заминеме оттаму согласно плановите, за потоа да дојдеме тука. Моментално немаме постојан престој, во потрага сме по земја каде ќе ни биде дозволено да ги практикуваме нашите човечки права и религиозни слободи, како што е запишано и во библијата. Во меѓувреме транзитираме, не знаеме кога тоа ќе се случи, но засега немаме планови за постојана дестинација“, изјави тогаш една од припадничките на Лев Тахор.

Групата која допатува во земјава во февруари 2022 година ја сочинуваат 37 лица од кои половината беа деца.

Од МВР тогаш повикаа на толеранција и соопштија дека членовите на групата имаат легални патни исправи, одобрен привремен престој во земјава, како и дека ги почитуваат законите.

Видете и ова:

Лев Тахор – Тука сме туристички, нема да останеме повеќе од еден месец

Што се знае за Лев Тахор?

Лев Тахор на хебрејски значи чисто срце и има околу 250 членови. Тие имаат строги правила во врска со исхраната, облекувањето и верските обреди. Групата се соочи со повеќе обвиненија за сериозни злосторства откако беше основана во 1980-тите.

Членовите на Лев Тахор претходно беа осудени за киднапирање деца, педофилија, силување, малолетнички бракови, злоупотреба на деца. Познато е дека сектата има членови во Канада, Соединетите Американски Држави, Мексико, Гватемала и Израел.

Новинската агенција Асошиетед прес (АП) објави дека Џонатан Емануел Кардон Кастиљо е водач на сектата, повикувајќи се на извори од полицијата и обвинителството во Гватемала.

Кастиљо е државјанин на Гватемала, каде што е седиштето на Лев Тахор, и зборува хебрејски и шпански, се вели во соопштението.

Властите на Гватемала го претресоа комплексот Лев Тахора на 20 декември, по пријава за злоупотреба, и приведоа повеќе од 160 малолетници и 40 жени во заштитен притвор, пренесува Асошиетет Прес.