Украина погоди руска територија со најмалку 13 проектили и 84 беспилотни летала, предизвикувајќи пожар во нафтена рафинерија во јужниот регион Ростов, соопштија руските власти во четврток (19 декември).
Додека Русија напредува со своето најбрзо темпо од почетокот на војната во 2022 година, Украина постојано се обидува да ја нападне руската нафтена инфраструктура-која финансира значителен дел од воената економија на Русија.
„Руската противвоздушна одбрана собори 84 беспилотни летала над руските региони, вклучително и 36 над Ростовската област“, соопшти Министерството за одбрана.
Вршителот на должноста гувернер на Ростов, Јуриј Шљусар, рече дека Украина го погодила регионот со најмалку 13 проектили и десетици беспилотни летала, предизвикувајќи пожар во нафтената рафинерија Новошахтинск, која постојано била цел на Украина.
„Најмалку едно лице е повредено за време на нападот“, рече Шљусар.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Покровск опустошен пред доближувањето на руските сили
Не е јасно кои проектили ги истрела Украина кон Ростов, иако на почетокот на месецот, Киев го погоди рускиот воен аеродром со ракети ATACMS од американско производство, што предизвика голем руски напад врз енергетската инфраструктура на Украина.
По одобрението на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, Украина на 19 ноември ја погоди Русија со шест американски ракети со долг дострел, а на 21 ноември со британски ракети „Сенка на бура“ и „ХИМАРС“ од американско производство.
Рускиот претседател Владимир Путин, по тие напади, на 21 ноември истрела нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, позната како „Орешник“, кон Украина.
Андриј Коваленко, шефот на украинскиот официјален Центар против дезинформации, на Телеграм напиша дека ракетниот напад бил фокусиран на хемиската фабрика Каменски „која произведува ракетно гориво специјализирано за компоненти на цврсто гориво за ракетни мотори“.