Десетици километри од брегот на Црното Море во руската област Краснодар се покриени со мазут, објавија локалните власти и жителите откако два танкери беа тешко оштетени во невреме во Керченскиот теснец.
Гувернерот на регионот, Вениамин Кондратиев рече дека екипите за чистење биле пратени во областа откако силните ветрови помогнале да се прошират големи количини излеана нафта по должината на брегот, што ја зголеми загриженоста за можна еколошка катастрофа во Црното Море, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Фотографиите и видеата на социјалните мрежи покажуваат диви животни покриени со темна течност, како резултат на инцидентот во неделата со два танкери кои превезувале илјадници тони мазут, гориво со низок квалитет.
Инцидентите со танкери се случиле во еколошки чувствителни води во близина на брегот на украинскиот полуостров Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година. Еден од танкерите наводно се превртел и се скршил на половина за време на силна бура. Се претпоставува дека несреќата ја предизвикале бранови високи до четири метри, кои се сметаат за опасни за вакви пловни објекти.
Како што нафтата се шири низ морето и покрај бреговите, кои се вообичаена дестинација за летните одмори за Русите, се повеќе има извештаи за деградација на животната средина.
Локални жители укажаа на страшна состојба на брегот, со птици покриени со нафта кои не можат да летаат и кучиња скитници покриени со мазут кои талкаат по брегот.
Речиси 300 луѓе, вклучително и волонтери и тешка опрема, работат на справување со последиците од несреќата, соопштија властите. Но, екологистите предупредуваат дека количината на истуреното масло можеби е веќе преголема.
Русија ја користи таканаречената флота на танкери во сенка - група стари, неосигурени танкери - за да ги заобиколи санкциите од западот наметнати поради нејзината инвазија на Украина. Лошата состојба на овие бродови ја зголеми загриженоста за еколошки катастрофи.
Властите покренаа кривична истрага за несреќата, за која украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека може да се повтори и во други делови на Европа.
„Нашите мориња се соочуваат со уште една еколошка катастрофа предизвикана од Русија. Но, има уште поголеми и поопасни руски танкери кои пловат по вашите мориња. Запирањето на таа флота не значи само прекинување на финансирањето на Русија за војната - туку и заштита на природата“, напиша Зеленски на мрежата Икс.