СДСМ: Прилепскиот градоначалник и пет директори на училишта го прекршиле Законот за јавни набавки

СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обелодени случај за како што го нарекоа незаконско работење на избрани и именувани функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Петра Лукароска, претседателка на Општинската организација на СДСМ Прилеп, постои основано сомнение дека градоначалникот од Прилеп и 5 директори од средни училишта го прекршиле законот со незаконски јавни набавки.

„На 6-ти март 2023 година, директорите на 5-те средни училишта од Општина Прилеп: „Ѓорче Петров", „Кузман Јосифоски – Питу“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески – Ричко“ и Гимназијата „Мирче Ацев“, во својство на застапници на договорни органи и правни лица, склучиле Договори за јавна набавка на услуги за превоз на ученици. Договорите биле со важност до 31.12.2023 година и освен времетраењето, со нивното потпишување двете страни ја прецизирале и вредноста на Договорите. Две недели пред истекот на времетраењето на Договорите, директорите на 5-те училишта и превозниците склучиле анекси со кои важноста на Договорите ја продолжиле до 29.02.2024 година. После првиот, следувало потпишување нов, втор по ред анекс на Договорот, изјави Лукароска.

Таа вели дека, важноста на анексот ја продолжиле за нови 50 дена и директорите направиле измена и во вредноста на договорот, зголемувајќи ја цената на услугата. Лукароска тврди дека за целото тоа време превозниците вршеле превоз на ученици без важечки договори, а за извршената услуга доставувале фактури кои директорите ги исплаќале без претходно спроведена јавна набавка.

„Со склучените анекси на Договорот за јавна набавка на услуги за превоз на ученици, сметаме дека постојат основи за сомневање дека директорите на 5-те средни училишта и градоначалникот на општина Прилеп направиле неколку кривични дела, меѓу кои и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“, вели Лукароска.

Од СДСМ велат дека доколку Обвинителството не отвори предмет по допрен глас, тогаш партијата ќе поднесе кривична пријава против петтемина директори и градоначалникот на општина Прилеп.