На претседателот на Јужна Кореја му е забрането да патува во странство

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол

Министерството за правда на Јужна Кореја му забрани на претседателот на земјата Јун Сук Јеол да патува во странство додека властите истражуваат осомничени бунт и други обвиненија поврзани со неговото краткотрајно прогласување на вонредна состојба минатата недела.

Одлуката на претседателот минатиот вторник, која резултираше со распоредување специјални сили на улиците на Сеул, ја втурна Јужна Кореја во политички превирања и ја зголеми загриженоста кај партнерите и соседите.

Во саботата, Јун го отфрли обидот на опозицијата да го собори од власт, откако неколку пратеници го бојкотираа процесот на гласање во парламентот.

Сепак, опозицијата соопшти дека оваа недела ќе поднесе нов предлог.

Видете и ова: Јужнокорејската полиција почна истрага против претседателот

Бае Санг-ап, претставник на Министерството, на парламентарно сослушување изјави дека му забранил на Јун да ја напушти земјата, по барањата на полицијата, обвинителството и агенцијата за борба против корупцијата.

Висок функционер на Националната полициска агенција изјави за новинарите во понеделникот дека полицијата може дури и да го уапси претседателот доколку се исполнети сите услови.

Актуелниот претседател во Јужна Кореја има имунитет од кривично гонење додека е на функција, но тој не се применува кога е осомничен за бунт или предавство.

Ова значи дека Јун би можел да биде испрашуван и приведен од полицијата поради неговиот декрет за вонредна состојба. Сепак, многу набљудувачи се сомневаат дека полицијата ќе го спречи насилно, бидејќи постои можност за големи конфликти со претседателската служба за безбедност.

Кога прогласи воена состојба минатата недела, Јун го нарече парламентот „дувло на криминалци“ и вети дека ќе ги елиминира „бесрамните поддржувачи на Северна Кореја“.

Одлуката на Јун да прогласи воена состојба траеше само шест часа бидејќи Националното собрание гласаше за поништување на мерката.