Јужнокорејската полиција почна со истрага против претседателот Јун Сук Јеол за наводен „бунт“ поради неговото прогласување на воена состојба, изјави денеска висок полициски службеник.
Ву Јонг-су, шеф на Националниот истражен штаб на Националната полициска агенција, им рече на пратениците дека „за случајот веќе се постапува“, јавија локалните медиуми.
Јужнокорејското обвинителство отвори истрага против претседателот на државата, Јун Сук Јеол, како и против министрите за внатрешни работи и за одбрана, за обид за воведување воена состојба во земјата.
Истрагата против претседателот е покрената врз основа на жалба за предавство и други слични обвиненија поднесени од помалата опозициска партија Обнова, додека друга беше поднесена од група од 59 активисти,за поранешниот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, началникот на Генералштабот на армијата на Јужна Кореја, генералот Парк Ан Су и министерот за внатрешни работи Ли Санг Мин, за нивната улога во прогласувањето и, подоцна, укинувањето на воената состојба во таа држава.
Видете и ова: Парламентот на Јужна Кореја бара импичмент на претседателотВо меѓувреме Демократската партија на Јужна Кореја, главната опозициска политичка сила, соопшти дека планира постапката на гласањето за импичмент на претседателот Јун Сук-Јеол да ја поднесе за гласање во 19 часот по локално време в сабота.
Лидерот на владејачката Народна партија во Националното собрание истакна дека сите пратеници од оваа партија едногласно ќе гласаат против предлогот.
За смена на претседателот на државата, на опозицијата и се потребни гласовите на осум пратеници од владејачката партија.
Според јужнокорејскиот закон, предлогот за импичмент мора да биде ставен на гласање 24 до 72 часа откако ќе биде поднесен во парламентот, јави новинската агенција Јонхап.