Да се најде системско решение за долгогодишниот проблем во наставата на знаковен јазик за учениците кои се глуви или имаат оштетен слух во „Партениј Зографски“ во Скопје, единственото средно училиште во Северна Македонија за нивна едукација, бара Народниот правобранител.
Од институцијата денеска доставиле препораки до Министерството за образование и наука, меѓу кои при вработување во училиштето да биде задолжително познавањето на знаковниот јазик на солидно ниво што ќе овозможи разбирливи предавања за учениците.
Според анкета што меѓу 20 глуви и наглуви ученици и 19 вработени наставници во училиштето ја спровела канцеларијата на Омбудсманот минатиот месец, констатирано е дека има наставници и со повеќегодишно работно искуство кои имаат почетно ниво (од вкупно шест нивоа од која се состои обуката) на познавање на знаковниот јазик, што е доволно за основна, но не и за сигурна интеракција, како и наставници кои воопшто не го познаваат за да комуницираат со учениците, бидејќи тоа не е задолжителен критериум за вработување.
За квалитетна комуникација и поучување на учениците, наставникот треба да има минимум четврто ниво кое минатата учебна година го имале девет наставници. Ниту еден од вработените нема завршено шесто ниво на обука на знаковен јазик.
Видете и ова: Средношколци со попреченост - учат со љубов и посветеност, игнорирани за вработувањеЗаменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска - Мустафа рече дека вработените на сопствена или иницијатива на раководството, посетуваат бесплатни обуки за изучување на знаковен јазик. Лиценциран обучувач на знаковен јазик е Национален сојуз за глуви и наглуви на Република Северна Македонија.
Анкетираните глуви и со оштетен слух ученици информирале дека најголем дел од наставниот кадар наставата ја реализира вербално, со пишување на табла или со споделување печатени наставни материјали, кои често не им се доволно јасни. Се изјасниле дека за нив тоа е сериозна пречка не само во наставата, туку и во секојдневната комуникација. Кога се испрашувани, учениците одговараат со помош на соученик кој е наглув и кој добро го знае знаковниот јазик и има улога на толкувач.
Учениците споделиле дека проценката на нивното знаење е нереална зашто „оценувањето е како лотарија“.
„Особено загрижувачки се изјавите на учениците дека оценувањето на нивното знаење не се базира на реална проценка на стекнатите знаења од наставниот процес. Како што самите наведоа, не добиваат квалитетно образование и се сериозно загрижени за својата иднина, бидејќи сметаат дека имаат недоволно стекнати знаења за да го продолжат образованието на факултет или да остварат вработување, што им создава чувство на нееднаквост и обесправеност“, истакна Бајрамовска - Мустафа.
Народниот правобрантел и партнерските организации ја изготвиле Информацијата со препораки упатени до МОН за унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес кој овие ученици.
Покрај системско решавање на проблемот со вработување компетентен кадар, се препорачува и обезбедување континуирани обуки на вработените за употреба на знаковниот јазик, обезбедување сертифицирани толкувачи да се вклучат во наставата за која во моментов нема соодветен кадар, модернизирање на наставата со современа технологија, како и уредување на прашањето за инклузијата на учениците со попречености во новиот закон за средно образование.
Во „Партенија Зографски“ - Скопје во оваа учебна година се образуваат 45 ученици, шест повеќе од минатата учебна година.
Од нив, 20 ученици се со оштетен слух - глуви и наглуви, кои имаат потреба од исклучиво користење на знаковен јазик во комуникацијата, кој за нив е мајчин јазик. Останатите ученици во училиштето имаат друг вид попречености.