Германија и Русија протераа новинари во услови на високи тензии

Канал 1, радиодифузер на руски јазик популарен меѓу постарата публика во Русија и некои други поранешни советски републики, се најде под лупа поради неговото покривање на војната во Украина

Двајца новинари на руската телевизија што се емитува во Германија Канал 1, дописникот Иван Благој и снимателот Дмитриј Волков биле известени дека треба да ја напуштат Германија до средината на декември. Ова го соопшти руската телевизија. Според нивното соопштение Москва како реакција на ова одлучила да им ги одземе акредитациите на двајца дописници од германската медиумска група АРД. АРД е здружение на германски јавни радиодифузери.

Рускиот дописник Благој на социјалните мрежи напиша дека германските власти одлуката за протерување ја оправдале со ставот дека тоа е „во интерес на безбедноста на Сојузна Република Германија“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на прес-конференција на 27 ноември изјави дека Москва им ги укинала акредитациите на двајца дописници на АРД, велејќи дека „мораме да преземеме исти мерки“. Таа не даде повеќе детали.

Видете и ова: Состанок на европските министри за одбрана во Берлин


Ова протерување е последното во серијата, која следуваше по ескалација на тензиите меѓу Русија и западните земји поради улогата на руските државни медиуми.

Откако Москва ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, руските медиуми се соочија со забрани, ограничувања на пристапот до платформите на социјалните медиуми и обвинувања за ширење пропаганда.

Канал 1, радиодифузер на руски јазик популарен меѓу постарата публика во Русија и некои други поранешни советски републики, се најде под лупа поради неговото покривање.

Германските власти, наводно, го обвинија медиумот за ширење пропаганда и дезинформации меѓу дијаспората во Германија, која го зборува рускиот јазик а брои стотици илјади.

Обвинувањата вклучуваат тврдења дека каналот ја оправдува руската инвазија на Украина и ги прикажува бранителите на Украина како „нацисти“.

Протерувањето доаѓа по извештајот објавен од Благој на 24 ноември во врска со Николај Гајдук, германски државјанин, уапсен од руската Федерална служба за безбедност во октомври.

Во извештајот се наведува дека западните разузнавачки агенции, вклучително и ЦИА, биле вмешани во наводните дејствија на Гајдук нарачани од украинските специјални служби.

Русија постојано возвраќа на мерките насочени кон нејзините државни медиуми. По германската забрана во 2022 година за РТ, радиодифузер поддржан од Кремљ, Москва го затвори бирото на Дојче веле во Русија и ги укина акредитациите за германските новинари.

Германската влада јавно не ги објасни причините за нејзината одлука, но овој потег го нагласува зголемениот фокус на дезинформациите како закана за националната безбедност.

Канал 1 тврди дека неговите новинари ги почитувале германските закони и ги обвиниле властите дека користат нејасни обвинувања за да ги задушат алтернативните наративи.