Никита Журавел, руски политички затвореник кој беше претепан од синот тинејџер на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров додека беше во притвор, е осуден на 13 и пол години затвор за велепредавство.
Регионалниот суд во Волгоград на 25 ноември го осуди 20-годишниот Журавел откако го прогласи за виновен за испраќање видео на претставник на Украинската служба за безбедност (СБУ), во кое наводно имало снимки од воена опрема што се транспортира со воз, слики од воени авиони и детали за движењето на сервисното возило.
Журавел веќе отслужува затворска казна од 3 и пол години, изречена од судот во Чеченија во февруари, откако беше осуден за хулиганство за јавно палење на Куранот во неговиот роден град Волгоград.
Тој е осуден и на 300 часа општествено корисна работа поради навреда на верските верници.
Веднаш не беше јасно дали казните ќе се служат истовремено или последователно.
За време на судењето, Журавел ѝ се извини на муслиманската заедница, признавајќи ги своите постапки, но тврдеше дека немал намера да некого да навреди.
Случајот привлече големо внимание кога беше откриено дека додека Журавел бил во притвор во Чеченија, бил нападнат од Адам Кадиров, тогаш 15-годишниот син на Рамзан Кадиров.
Снимката од нападот во затвор беше споделена на социјалните мрежи од постариот Кадиров, што предизвика гнев во јавноста.
И покрај тоа органите на редот во Чеченија одбија да продолжат со кривична истрага, наведувајќи како причина недостаток на докази.
Кадиров ги бранеше постапките на неговиот син, јавно изјавувајќи дека ќе беше подобро ако неговиот син го убил Журавел.
На Адам Кадиров подоцна му беше доделена титулата „Херој на Република Чеченија“, највисоката чест во регионот и доби дополнителни признанија од неколку руски региони.
Групата за човекови права Меморијал го призна Журавел како политички затвореник.
Организацијата, исто така, го осуди насилството кое Журавел го претрпе во притвор како сериозно законско прекршување.