Велика Британија објави санкции за 30 бродови за кои смета дека се дел од руската „флота во сенка“, со што вкупниот број достигна 73 пловила под санкции на Велика Британија.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, рече дека ова е досега најголем пакет санкции на Велика Британија против танкери и товарни бродови што ги користи Москва за да ги заобиколи извозните и нафтените ембарга за финансирање на војната против Украина.
Новите ограничувања од Велика Британија го надминуваат бројот на бродови кои моментално се цел на САД (39) и на Европската унија (19).
Бродовите, кои носат руска нафта и бензин, но пловат под знамето на друга земја, му дозволуваат на Кремљ да продолжи да извезува и покрај санкциите.
Видете и ова:
Нови санкции од Лондон за руските танкери со нафта и гасПоловина од бродовите погодени од најновите санкции превезле повеќе од 4,3 милијарди долари нафта и нафтени деривати во 2023 година, се вели во соопштението на британската канцеларија за надворешни работи, Комонвелт и развој (ФЦДО).
Велика Британија, исто така, воведе санкции за две осигурителни компании кои ги обвини дека ја олеснуваат руската таканаречена „флота на духови“ и нејзините операции под сомнителна сопственост или без соодветно осигурување.
Со цел да се заобиколи најстрогиот пакет нафтени санкции што го воведоа западните земји, во 2022 година, според светските медиуми, Русија купила голем број стари танкери за да продолжи да испорачува нафта, која останува нејзиниот главен извор на приходи и клучно за финансирање на инвазијата врз Украина.