Обвинителството собира докази по експлозијата во Ќерамидница

Увид по експлозијата во Ќерамидница - Скопје, 14.11.2024

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Ќерамидница, каде утрово при експлозија на направа во двор на куќа беше повредено едно лице, соопштија од Обвинителството.

„Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор на објекти. Подигнатите траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење“, стои во соопштението.

Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со настанот.

Видете и ова: Тошковски за експлозијата во Ќерамидница: Одлучно ќе се бориме против криминалот

Тој додаде дека „убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“.

По експлозијата која се случила утрово во 09:20 часот, повреденото лице било веднаш пренесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за да му биде укажана медицинска помош, информираа од Министерството за внатрешни работи.