Трета година по ред нема подобрување на проекциите за глобалното затоплување, а најновите податоци од САД и Кина се очекува дополнително да го потврдат тоа, се вели во извештајот на „Climate Action Tracker“, објавен денеска (14 ноември) од група научници и аналитичари кои ги проучуваат владините политики и тоа го преведуваат во проекции за затоплување.
Како што пренесува АП, според овој извештај, Земјата и понатаму е на пат да биде за 2,7 целзиусови степени потопла од прединдустриското време.
Извештајот доаѓа во време кога се одржува Конференцијата на ОН за климатски промени-(КОП29) во Баку, Азербејџан.
Ако емисиите продолжат да растат, а проекциите за температурата не се намалат, луѓето треба да се запрашаат дали разговорите за климата во ОН прават нешто добро, рече извршниот директор на невладината организација „Climate Analytics“, Бил Харе.
Светот се загреа за 1,3 целзиусови степени во однос на прединдустриското време. Тоа е блиску до границата од 1,5 степени за која земјите се договорија за време на преговорите за климата во Париз, во 2015 година.
Климатолозите велат дека атмосферското затоплување, главно предизвикано од согорувањето на фосилни горива, предизвикува поекстремни и штетни временски прилики, вклучувајќи суши, поплави и екстремна топлина.
„Веќе треба да гледаме дека глобалните емисии се намалуваат“, а тоа не е така, рече Харе.
Главното прашање во Баку е колку богатите земји ќе им помогнат на сиромашните земји да ги декарбонизираат своите енергетски системи, да се справат со идните штети од климатските промени и да ја платат штетата од екстремното затоплување.
Видете и ова:
Штркови во февруари, прерано цветање - какви опасности носи претоплата зимаСтарата цел од 100 милијарди долари годишна помош станува застарена и главниот фокус е да се стаса до нова, повисока бројка.
Специјална независна комисија од експерти составена на барање на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска (14 ноември) објави сопствена проценка за трошоците и финансиите, повикувајќи на тројно зголемување на старата обврска.
„Напредните економии треба да покажат јасна посветеност“ за помош на сиромашните земји, се вели во извештајот.
Коалицијата на сиромашни земји во Баку бара годишно финансирање од 1,3 трилиони долари за климатските промени. Во извештајо стои дека на земјите во развој им требаат околу еден трилион долари годишно од сите надворешни извори, а не само од владини грантови.
Извештајот објаснува колку би чинело да се декарбонизира светската економија и од каде би можеле да дојдат парите. Вкупните трошоци за климатска адаптација за сите земји се предвидува да достигнат 2,4 трилиони долари годишно.