МОН: Направени се измените на Концепцијата за основно образование

Искинати учебници за основно образование во Северна Македонија

Министерството за образование и наука информира дека се направени измени на Концепцијата за основно образование на чија потреба во изминатиот период, како што наведува, „упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта“.

„Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст“, соопшти ресорното министерство.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јаневска: Основците следната година ќе учат по ревидирана концепција

Посочува дека како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, како и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, министерката за образование Весна Јаневска рече дека е стопирана концепцијата за 7, 8 и 9 одделение и тука се прават одредени промени во однос на наставните планови и програми.

„И она што е најзначајно и ја интересира јавноста, се одделуваат сите посебни предмети, тие веќе не се интегрирани. Од концепцијата задржуваме, тоа што јавноста и ние како Влада сметаме дека е во ред, а тоа се дополнителни, додатни, дополнителни предметни, други наставни обврски, други ненаставни предмети, изборни предмети, огромен број, при кој учениците ќе може да стекнуваат знаења и вештини и одредени компетенции“, изјави Јаневска во интервјуто.