Почна самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Будимпешта, 7 ноември 2024 година

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (7 ноември) на отворањето на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, изјави дека мора да се најдат начини за враќање на мирот во Европа.

Тој истакна дека на самитот ќе се разговара за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа и дека некои од прашањата ќе вклучуваат како Европа може да преземе поголема одговорност за својата безбедност и мир во иднина, како континентот да биде поуспешен во остварувањето на сопствените интереси и да стане одлучувачки играч во дискусиите и случувањата кои ќе одлучуваат за неговата иднина.

„Овие прашања станаа особено актуелни по претседателските избори во САД кои штотуку се одржаа. Иднината на нашите трансатлантски односи е незаменлива компонента на европската безбедносна архитектура. Одговорите дадени сега би можеле да ја одлучат иднината на Европа со децении. Верувајте дека ние заедно можеме да бидеме посилни отколку сами“, рече Орбан.

Орбан додаде дека европската политичка заедница мора да разговара за геополитичките прашања, како и дека лидерите ги обединува заедничкиот интерес и заедничката одговорност за Европа.

Видете и ова: Орбан: Ако победи Трамп, Европа ќе мора да ја преиспита поддршката за Украина

На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.

На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.

Одлуката за создавање на Европската политичка заедница беше донесена на Самитот на ЕУ во јуни 2022 година, со цел да се здружат земјите на европскиот континент, да се поттикне политичкиот дијалог и соработката меѓу низ за прашања од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа, во услови на драматичните последици од руската агресија врз Украина.