Германија го отповика својот амбасадор во Техеран по егзекуцијата на Шармахд

Архивска фотографија, демонстрант држи слика на иранско-германскиот државјанин Џамшид Шармахд, кој е осуден на смрт во Иран, за време на демонстрациите за неговото ослободување пред германското Министерство за надворешни работи во Берлин.

Германија го отповика својот амбасадор во Техеран по егзекуцијата на Џамшид Шармахд кој е иранско- германски државјанин. Шармахд беше егзекутиран откако беше осуден по спорни обвиненија за тероризам.

Новинската агенција Мизан, која честопати известува за иранското правосудство, објави дека смртната казна против Шармахд била извршена на 28 октомври „по конечната потврда на одлуката на судот од страна на Врховниот суд“.

Германија дополнително го повика иранскиот пратеник во Берлин да одговори на прашањата за смртта на 69-годишниот иранско-германски државјанин.

На судењето минатата година, кое според Германија, САД и организациите за заштита на човековите права, беше политички монтирано, Шармахд беше обвинет од Иран дека раководел со промонархистичка група за која Техеран тврди дека стои зад бомбашкиот напад на џамија во Шираз во 2008 година, во кој 14 луѓе беа убиени и како и за планирање на други напади во земјата.

Семејството на иранско- германскиот државјанин ги отфрли обвинувањата како „смешни“.

Видете и ова: Иран ќе го зголеми буџетот за одбрана за околу 200 отсто


Германското Министерство за надворешни работи го осуди „убиството“ на Шармахд и соопшти дека германскиот амбасадор Маркус Потцел е отповикан. Пред да биде отповикан, Потцел се состана и со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи за да изразни протест и остра осуда против убиството, соопшти Министерството.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека убиството на Шармахд покажува дека „во Техеран владее нехуман режим“ и вети дека тоа „ќе има сериозни последици“.

Аракчи на 29 октомври ѝ одговори на социјалната мрежа Х порано позната како Твитер на Баербок.

„Германскиот пасош не обезбедува неказнивост на никого, а камоли на терористички криминалец. Доста е со долевањето на масло на огнот, Аналена Баербок“, напиша Аракчи.

Исто така, канцеларијата на германскиот канцелар Олаф Шолц на 29 октомври соопшти дека иранскиот амбасадор во Берлин Махмуд Фаразандех бил повикан од германската влада да одговори на прашањата за смртта на Шармахд.

Американскиот Стејт департмент се осврна на третманот на Иран кон Шармахд, кој исто така имал американско жителство, како третман „за осуда“ и ги опиша иранските судски постапки како „лажно судење“.