Министерката за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон Хуи во вторник (29 октомври) пристигна во Владивосток на далечниот исток на Русија, а в среда ќе ја посети Москва, објавија руските државни медиуми, пренесува Ројтерс.
Чое Сон Хуи доаѓа во Русија еден ден откако НАТО соопшти дека Пјонгјанг распоредува севернокорејски трупи во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин не го негираше присуството на севернокорејски војници во земјата. Руските државни новински агенции пишуваат дека не е јасно со кого Чое, која е во втора посета на Русија за шест недели, ќе се сретне во Москва.
Јужна Кореја и западните земји тврдат дека Пјонгјанг испраќа илјадници војници да и помогнат на Русија на украинскиот фронт. Јужнокорејската разузнавачка агенција соопшти дека е можно Чое да бил вклучен во разговори на високо ниво за испраќање дополнителни војници во Русија и да преговара што би можела да добие Северна Кореја за возврат.
Најавата за посетата на министерот беше објавена неколку часа откако Пентагон соопшти дека Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во Русија и дека се очекува тие да пристигнат на боиштата во Украина во „следните неколку недели“.
Видете и ова:
НАТО потврди дека севернокорејски трупи се борат за РусијаЈужнокорејските и западните лидери изразија загриженост дека вмешаноста на Северна Кореја може да помогне да се продолжи руската агресија во Украина и дека Русија за возврат може да и понуди на Северна Кореја технологија која ќе ја зајакне заканата од севернокорејското нуклеарно оружје и ракетните програми.
Портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, во понеделникот изјави дека некои севернокорејски војници веќе се преместени поблиску до Украина и се верува дека се упатуваат кон пограничниот регион Курск, каде Русија се обидува да ги врати назад украинските војници.
Јужнокорејското разузнавање ги предупреди пратениците дека некои севернокорејски воени групи е можно да се во Русија, вклучително и генерали и други високи офицери,веќе преселени во областите на фронтот. Службата, исто така, рече дека двете страни се чини дека имаат потешкотии да ги решат проблемите со комуникацијата, иако руската војска ги обучува севернокорејските војници со руска воена терминологија.
Видете и ова:
Зеленски тврди дека Северна Кореја испраќа војници и оружје во РусијаСеверна Кореја, исто така, е обвинета дека и дала артилериски гранати и друга воена опрема на Русија за војната во Украина.
САД и нивните партнери сето тоа го окарактеризираа како кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и изразија сомневање дека Москва му помага на Пјонгјанг да ги избегне санкциите и незаконски да ја финансира својата програма за оружје.
Русија и Кина ги блокираа напорите на Соединетите Држави во Советот за безбедност на ОН да ги заострат санкциите кон Северна Кореја поради нејзините неодамнешни ракетни тестови, кои се зголемија, откако Русија ја започна инвазијата на Украина во 2022 година.