Русија не успева да ја добие поддршката што ја бара од земјите на БРИКС, изјави денеска портпаролот на Европската комисија како одговор на прашање поврзано со состанокот во Казан.
Портпаролот додаде дека тоа ја покажува меѓународната изолација на Москва.
„Состанокот беше обид на рускиот претседател Владимир Путин да го злоупотреби руското претседавање со БРИКС за да се надмине меѓународната изолација“, рече портпаролот.
Според него, во генералната декларација усвоена на состанокот нема единствен став за војната во Украина.
„Декларацијата од Казан не се однесува на нас. Санкциите на ЕУ се засноваат на правни одлуки според сегашното законодавство“, рече портпаролот.
Видете и ова:
Придобивки, ризици и ограничувања од конфликтот на Блискиот исток за воената РусијаИнаку рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на овогодинешниот самит на организацијата БРИКС во градот Казан.
Форумот, на кој учествуваат 24 шефови на држави и влади, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање нов светски поредок за ставање крај на доминацијата на САД. Средбата завршува денеска (24 октомври).
Меѓу поважните гости се издвојува кинескиот претседател Си Џинпинг, а присуствуваат претставници од вкупно 32 земји.
На оригиналните членки на БРИКС -Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка неодамна им се приклучија земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Иран. Статусот на Саудиска Арабија сè уште е нејасен.