Франција вети поддршка за „Планот за победа“ на Украина

Украина - Францускиот министер за Европа и надворешни работи Жан-Ноел Баро (десно) и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го посетија Меморискиот ѕид на паднатите бранители во Киев, 19 октомври 2024.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на 19 октомври ја објави поддршката на неговата земја за „победничкиот план“ на Украина за ставање крај на војната со Русија.

Баро е во дводневна посета на Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 октомври објави амбициозен план со кој се надева дека ќе ја принуди Русија да ја прекине својата инвазија на Украина преку преговори, најдоцна до следната година.

„Нашите размени треба да ни овозможат да постигнеме напредок во победничкиот план на претседателот Зеленски и да собереме што поголем број земји околу него“, рече Баро на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Андриј Сибиха.

Видете и ова: Украина го притиска Западот да го придвижи „Планот за победа“

Баро рече дека Франција планира да ја испорача првата серија борбени авиони „Мираж 2000“ во Украина во првиот квартал на 2025 година. Украински пилоти и механичари се обучени за летање и одржување на авионот.

Франција е еден од најверните поддржувачи на Украина во Европа од почетокот на целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.

Целосна нова бригада украински војници за распоредување на фронтот моментално се обучува и опремува од Франција.

Посетата на Баро на Киев доаѓа неколку часа откако Русија изврши нов напад со беспилотно летало врз главниот град на Украина во текот на ноќта меѓу 18 и 19 октомври.