Романија откри уште еден неидентификуван објект што ѝ го нарушил воздушниот простор

Романија - Борбени авиони Ф-16 на романските воздухопловни сили, 13 ноември 2023 година.

Романија испрати четири борбени авиони рано утрото на 19 октомври, откако неидентификуван објект го наруши нејзиниот воздушен простор на југоисток, во близина на Црното Море, соопшти Министерството за одбрана на Романија.

Според Министерството, воените радарски системи откриле мал летечки објект, најверојатно беспилотно летало, што се упатило кон округот Тулчеа пред да го изгуби сигналот околу 2.30 часот по локално време.

„Армијата испрати два борбени авиони Ф-16 и два шпански Ф-18 за да го надгледуваат објектот“, соопшти Министерството, додавајќи дека пилотите не го виделе дронот.

Видете и ова:

Руте во посета на Киев, откако Романија го испорача системот „Патриот“

Тоа е втор дрон што оваа недела го нарушил романскиот воздушен простор.

Претходниот инцидент беше пријавен на 17 октомври, кога околу 17 часот беше откриен мал летечки објект од армиски радари над југоисточниот округ Констанца.

Романскиот премиер Марсел Чиолаку на 18 октомври изјави дека неговата земја ја анализира можноста за „сајбер-предизвик, бидејќи пилотите немале визуелен контакт со дронот“.

Во минатото, руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на Романија додека Москва ги напаѓаше украинските цели долж Црното Море и реката Дунав.

Романија, членка на Европската унија и НАТО, дели 650 километри долга граница со Украина.