Првите мигранти од Италија тргнаа кон Албанија

Влез во албанскиот град Шенѓин (илустрација)

По неколкумесечни одложувања, во среда (16 октомври) од Италија треба да пристигнат првите мигранти кои ќе бидат сместени во новите контроверзни центри за азил во Албанија.

Италија е меѓу земјите во Европа кои примаат најголем број луѓе кои сакаат да стигнат до Европа преку опасниот премин. Во обид да ги спречи пристигнувањата, минатата година екстремно десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони постигна договор со Албанија, која не е членка на ЕУ, да постави миграциски центри во земјата што се наоѓа веднаш спроти Италија на Јадранското Море.

Луѓето кои италијанските власти ги собраа додека го преминуваа централниот Медитеран ќе бидат испратени во камповите, во кои би требало да можат да се сместат десетици илјади луѓе годишно.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Почна транспортот на мигранти од Италија во кампови во Албанија

Според плановите на Мелони, мигрантите земени од бродот прво ќе бидат донесени во кампот во албанското пристаниште Шенѓин за првична проверка. Тие потоа ќе бидат префрлени во главниот камп во Ѓадер, каде што Италија ќе ги испита нивните барања за азил надвор од италијанската јурисдикција, со што ќе се забрзаат депортациите. Оние на кои ќе им биде одобрен азил потоа ќе можат да патуваат во Италија, додека оние чие барање е одбиено ќе да бидат депортирани од Албанија.

Видете и ова: Планот на Мелони за испраќање мигранти во Албанија - решение или нов проблем за ЕУ?

Новата шема таргетира мажи од земја во која не се чувствуваат безбедни. Жените, децата, болните и оние кои биле подложени на тортура нема да бидат испратени во Албанија. Двата кампа во Шенѓин и населбата Ѓадер, околу 8 километри во внатрешноста, официјално започнаа со работа во петокот.

Отворањето првично беше закажано за мај, но мораше да биде одложено неколку пати поради технички проблеми. Минатата година, приближно 160 000 мигранти пристигнаа во Италија преку Медитеранот. Моменталниот број е значително намален, но десетици илјади луѓе сè уште тргнуваат на пат со често небезбедни бродови.

Други земји на ЕУ внимателно ги следеа плановите на Италија да ги испита барањата за азил надвор од блокот, при што германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го нарече моделот „интересен“.