Израелската армија продолжува со нападите во северниот дел на Газа

Раселените Палестинци бегаат од област во северниот дел на Појасот Газа, 12 октомври 2024 година.

Израелската армија го прошири нападот на северот на Појасот Газа, а тенковите стигнаа до северниот раб на градот Газа, што принуди многу семејства да ги напуштат своите домови, пишува Ројтерс.

Во тек се судири меѓу палестинските милитанти и израелските војници, кои побараа да се евакуираат стотици илјади луѓе од северниот дел на енклавата.

Жителите тврдат дека израелските сили ги изолирале Беит Ханун, Џабалија и Беит Лахија, на далечниот север, од градот Газа, блокирајќи го движењето освен оние кои сакаат да ги напуштат тие градови.

Видете и ова: Израелски напади во Газа - Хезболах нападна база јужно од Хаифа

Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, соопшти дека десетици биле убиени во осумдневните израелски напади во северниот дел на Газа.

Се стравува дека има уште десетици мртви на патиштата и под урнатините на куќите, надвор од дофатот на медицинските екипи.

Во северниот дел на Газа, израелските воздушни и копнени сили ја напаѓаат Џабалија, каде, според армијата, милитантите се прегрупирале.

Во текот на изминатата година, израелските сили постојано се враќаа во тој бегалски камп и во другите области кои беа нападнати. Израел нареди целосна евакуација на северниот дел на Газа, вклучувајќи го и самиот град Газа.

Се проценува дека околу 400.000 луѓе останале на северот по масовната евакуација наредена во првите недели од војната. Израелската армија во саботата потврди дека во наредбата за евакуација се вклучени и болници, но не прецизираше конкретен рок.

Армијата соопшти дека медицинскиот конвој кој требало да ги префрли пациентите од болницата Камал Адван бил откажан од безбедносни причини, но дека во саботата бил снабден со гориво.

Палестинските медицински претставници во неделата објавија дека осумчлено семејство е убиено во израелски напад врз централниот дел на Појасот Газа. Во соопштението се наведува дека се ранети уште седум лица, меѓу кои две жени и едно дете во критична состојба.

По повеќе од една година од војната со Хамас, група која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка група, Израел продолжува речиси секојдневно со напади врз цели на милитантите во Газа, како што тврди, пишува АП.

Израелската армија соопшти дека избегнува да им наштети на цивилите и ги обвини Хамас и другите вооружени групи за нивната смрт бидејќи „оперираат во густо населени области“. Израелската армија ретко коментира поединечни напади, во кои често се убиени жени и деца, пишува АП.

Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври минатата година, по нападот на палестинскиот Хамас на израелските територии.