Татарски новинар во штрајк со глад поради „незаконскиот“ притвор

Татарскиот новинар Искандер Сираџи

Независниот татарски новинар Искандер Сираџи почна штрајк со глад додека беше во притвор поради обвиненија што ги негира.

Неговата адвокатка, Талија Чернова, денеска (11 октомври), рече дека Сираџи бил приведен два дена претходно и „смета дека неговото гонење е незаконско“.

Сираџи, познат локален новинар и сопственик на онлајн весникот Сираџи Сузе, беше приведен на 9 октомври во Казан, главниот град на руската област Татарстан, откако властите го претресоа неговиот дом и канцеларија, при што му ја конфискуваа целата опрема.

Властите потоа поднесоа кривична пријава против него за наводно ширење приватни информации без согласност, објави неговата сопруга, Елмира Сираџи, на платформата Телеграм.

Сираџи беше под истрага во ноември, во врска со новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ), Алсу Курмашева, која беше уапсена во Казан во октомври минатата година.

Видете и ова: Меѓународна награда за слобода на печатот за новинарката на РСЕ, Курмашева

Курмашева, двојна американско-руска државјанка, прво беше обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според рускиот закон што ги таргетира новинарите меѓу другите, а потоа беше обвинета за ширење невистини за руската војска, обвиненија што таа и РСЕ ги отфрлија.

Таа беше осудена на 6 и пол години, пред да биде ослободена во размена на затвореници меѓу Русија и САД во август.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Конечно во добри раце“: Ослободената новинарка на РСЕ, Алсу Курмашева, за животот по рускиот затвор

Додека Курмашева беше во притвор, домот на Сираџи беше претресен од властите, кои му ја одзедоа професионалната опрема и компјутерите на неговите деца.

„Наводно, новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, собирала информации што претставувале државна тајна. Наводно, прашала некои професори колку луѓе се одземени од нивниот институт за време на воената мобилизација. И ова е наводно голем криминал. Наводно, некако сум поврзан со ова злосторство “, рече тогаш Сираџи.

Сираџи никогаш не соработувал со РСЕ.

Сега Истражниот комитет го обвинува дека објавил лични информации за двајца жители на Казан, именувани од властите само како Сафиулин и Сабиров.

Комитетот тврди дека видео снимката објавена од Сираџи пред неколку години открива детали за местата на живеење, семејствата и приходите на двете лица, обвинувања за кои адвокатката Чернова рече дека се невистинити.

Случајот против Сираџи произлегува од неговото покривање на случајот со жителот на Казан, Ибрахим Закиев, кој беше обвинет за убиства извршени пред околу две децении.

Врховниот суд на Татарсан неодамна го ослободи Закиев, и покрај сведочењата против него дадени од Сафиулин и Сабиров.

„И веќе следниот ден, врз основа на изјавата [од Сафиулин и Сабиров], Истражниот комитет отвори случај [против Сираџи]“, рече Чернова.

Таа додаде и дека неговиот случај го води истиот [истражен] оддел што го испрати случајот за убиството на Закиев на суд.

„Верувам дека тука има директна врска“, додаде Чернова.

Aдвокатката вели дека истражителите му ветиле на Сираџи дека ќе биде ослободен доколку признае.

Судот денеска требаше да изрече превентивна мерка за Сираџи.