Ураганот Милтон, најсилниот во последните сто години, ја погоди Флорида. Иако неговата јачина се намали од категоријата 5 на 1 пред да стигне до брегот на Флорида, зад себе остави пустош.
Потврдени се најмалку 16 смртни случаи поврзани со овој ураган.
Повеќе од милион и пол се евакуирани, а над 2 милиони луѓе се без струја. Многу области се поплавени, додека нивото на морето се подига, а забележани се и екстремни количества дожд. Најтешко погодени области се Нејплс, Форт Мајерс и Тампа.
Иако Милтон не предизвика катастрофален наплив на вода како што се стравуваше на Флорида, една од многуте држави кои пред две недели ги погоди ураганот Хелена, расчистувањето за некои може да трае со недели или месеци.
„Тоа ви ги отвора очите за тоа што може да направи мајката природа“, изјави Чејс Пирс од Западен Сент Петербург, за Ројтерс.
Петтиот најсилен атлански ураган во историјата, Милтон, би можел да ги чини осигурителните компании до 100 милијарди долари, велат аналитичарите.
Белата куќа вети поддршка од владата бидејќи сѐ уште се утврдува целосниот обем на штетата.
Трамп ја критикуваше владата
Но, републиканецот Доналд Трамп, кој заостанува зад демократската потпретседателка Камала Харис, според неодамнешната анкета на Ројтерс/Ипсос пред претседателските избори на 5 ноември, ги нападна своите противници за тоа како тие се справуваат со закрепнувањето од невремето.
„Федералната влада ... не го направи она што требаше да го направите, особено во однос на Северна Каролина“, рече тој во четвртокот (10 октомври).
Северна Каролина исто така беше силно погодена од ураганот Хелена, а Трамп таму се соочува со тесна битка против неговата противничка.
Харис, која вели дека Трамп шири лаги за одговорот на владата, возврати истиот ден.
„За жал, видовме во последните две недели, од ураганот Хелена и сега веднаш по Милтон, каде луѓето играат политички игри“, рече Харис, без да го именува Трамп.
Видете и ова:
Ураганот Милтон ја погоди централна ФлоридаАдминистрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека на Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе ѝ треба дополнително финансирање од Конгресот, каде републиканците го контролираат Претставничкиот дом, а демократите го контролираат Сенатот и ги повика пратениците да дејствуваат.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, вчера (10 октомври) предупреди дека иако државата го избегнала „најлошото сценарио“, штетата е сепак значителна.