Седницата на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ на која денеска, 10 октомври, беше предвидено да се именува нов директор на Академијата се одложи поради отсуство на претставник од Министерството за правда.
Како што информираше членот на Управниот одбор, Зоран Герасимовски, согласно Законот за Академија за судии и јавни обвинители, одлуките од круцијално прашање како што е избор на директор на Академијата, се носат со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
По барање на Герасимовски, седницата беше одложена за в понеделник, 14 октомври во 15 часот, како последен ден за избор.
На огласот за нов директор се пријавија судиите од Основниот кривичен суд во Скопје, Ненад Савески и Оља Ристова, судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд, судијката Едита Насковска од Управниот суд, како и актуелниот заменик-директор на Академијата, Илир Исени, чија судиска функција е во мирување.
Од редовите на обвинителите пријавени се Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство Скопје и Ирина Трајкоска-Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола.
Видете и ова: Академијата за судии и јавни обвинители избира директор, ќе биде ли последен?Јавниот оглас за избор на директор на Академијата беше објавен на 26 август годинава, откако поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули.
Нејзината оставка дојде по спорот околу постапката за прием на 130 кандидати во деветтата, најголема генерација на АСЈО. До него дојде бидејќи една од фазите на тестирања беше закажа во изборниот период поради што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) покрена иницијатива за одговорност. Случајот се најде и пред Управен суд, кој првично пресуди во корист на Академијата, но потоа донесе одлука дека треба да се стопира приемот.
Габер-Дамјановска, во целиот овој процес тврдеше дека тие не ги прекршиле изборните правила бидејќи во случајот со постапката за тестирање за кандидатите не станува збор за вработувања.
Академијата за судии и јавни обвинители постои од 2006 година и таа е единствениот пат по кој некој може да стане судија или обвинител. Прва директорка на Академијата за судии и обвинители беше Анета Арнаудова. Во 18-годишното постоење, обуката во Академијата ја поминале над 1200 кандидати.