Оваа година Нобеловата награда за хемија подеднакво им беше доделена на Дејвид Бејкер за компјутерскиот дизајн на протеините и на Демис Хасабис и Џон М. Џампер за предвидување на структурата на протеините.
Според одлуката на Кралската шведска академија на науките, тие ќе ја поделат наградата во износ од 11 милиони шведски круни, што е околу еден милион евра.
„Овие откритија имаат неверојатен потенцијал“, соопшти Нобеловиот комитет.
Како што објави Ројтерс, Хасабис и Џампер користеле вештачка интелигенција за да ја предвидат структурата на речиси сите познати протеини со помош на моделот „AlphaFold2“, кој Нобеловиот комитет го нарече „целосна револуција“.
Видете и ова: Нобелова награда за физика за двајцата пионери во вештачката интелигенцијаБејкер (62) е професор на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, додека Хасабис (48) е извршен директор на „Google DeepMind“, истражувачката единица за вештачка интелигенција на Google, каде Џампер (39) исто така работи како научник.
Хасабис и Џампер користеле вештачка интелигенција за да ја предвидат структурата на речиси сите познати протеини, додека Бејкер научил како создаде сосема нови протеини, соопшти телото за доделување на наградата.
Наградата за хемија се доделува од 1901 година и досега имало 115 лауреати.
Минатата година, Нобеловата награда за хемија им беше доделена на Мунги Бавенди, Луис Брус и Алексеј Екимов за откривањето на ситни кластери атоми познати како квантни точки.
Тие сега се широко користени за создавање бои на рамни екрани, LED светилки и уреди кои им помагаат на хирурзите да ги видат крвните садови во туморите.