Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде најави дека отсега Косово во ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија) ќе го претставуваат косовските претставници, а не Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).
Голем чекор напред кон еднаква застапеност и учество во ова регионално тело“, напиша Роде на социјалната мрежа Икс.
Косово е претставено во ЦЕФТА од УНМИК од 2007 година, кога и се приклучи на оваа регионална иницијатива.
Владата на Косово и претходно инсистираше на промена на застапувањето во ЦЕФТА, но Германија неодамна понуди решение: да се стави ѕвездичка до името на Косово што во фуснотата ќе означува дека статусот на Косово не е конечно решен.
За возврат, од Косово беше побарано да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија, што официјална Приштина делумно го стори на 7 октомври.
Видете и ова: Самит Брдо-Бриони: Лидерите од регионот разговараа за европската перспективаКако што објасни премиерот на Косово, Албин Курти, стоката од Србија преку граничниот премин Мердаре ќе може да влезе со зголемена контрола, додека слободен проток на стоки од Србија ќе биде можен и на другите премини кога ќе се набави скенер за проверка на камионите.
Косово инсистираше на ставот дека тие мерки не се од економска, туку од безбедносна природа.
Инаку, ЦЕФТА извесно време беше блокирана поради забраната на Косово за увоз на стоки од Србија и начинот на кој Косово беше претставено во оваа иницијатива.
Деблокирањето на ЦЕФТА доаѓа во пресрет на 10-годишнината од Берлинскиот процес, кој се одржува на 14 октомври. Берлинскиот процес е и регионална иницијатива која има за цел да го помогне економскиот развој на шесте земји од Западен Балкан и нивниот пристап кон Европската унија (ЕУ).
Косово е дел од Берлинскиот процес од неговото основање во 2014 година, а дел од потпишаните договори во рамките на оваа регионална иницијатива се договорот за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи, професионални квалификации и соработка во областа на транспортот, енергетиката, екологија, дигитализација и роамингот.