Средба Вучиќ-Касаноф, Косово во фокус на разговорите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска (9 октомври) во Белград, разговарал за ситуацијата во регионот со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Држави (САД) за Западен Балкан, Александар Касаноф.

„Пред сè, ја истакнав исклучително тешката и сложена ситуација во Косово и Метохија и укажав на речиси невозможните услови во кои живее српскиот народ на Косово и Метохија“, објави Вучиќ на 9 октомври на социјалната мрежа Инстаграм.

Тој додаде дека за конструктивен дијалог се потребни две страни и дека Србија останува посветена на мирно решавање на проблемот „и покрај непотребната еднострана ескалација на тензиите“.

Видете и ова: Касаноф ќе ја продолжи работата на евроатлантските интеграции на Западен Балкан

Вучиќ најави дека се разговарало за клучните прашања поврзани со зајакнувањето на соработката и европската интеграција на Западен Балкан, како и за светските предизвици кои влијаат на стабилноста на регионот.

Тој најави и дека биле разгледани потенцијалите за зајакнување на билатералните односи меѓу Србија и САД, како и подобрување на енергетската соработка и нови инвестиции во проектите што Србија ги планира.

Вучиќ средбата со Касаноф ја оцени како добра.