Протести на опозицијата во Албанија, со молотови коктели кон институциите

Протести на опозицијата во Тирана

Десет полицајци беа повредени во понеделникот во Тирана, откако приврзаниците на главната опозициска партија фрлаа молотови коктели, пиротехнички средства и други предмети врз институционалните згради за време на протестите поради затворањето на пратениците на партијата.

Поддржувачите на опозициската партија во Албанија, Демократската партија (ПД), фрлија експлозивни направи во правец на кабинетот на премиерот и неколку други згради.

Непосредно пред крајот на протестот, демонстрантите се обидоа да се соберат пред зградата на Собранието, но полицајците фрлајќи солзавец го спречија собирот.

Генералниот секретар на десничарската Демократска партија Фљамур Нока на крајот од протестот рече дека тоа е првиот чекор на граѓанска непослушност.

Тој рече дека на протестот му е упатена порака на албанскиот премиер Еди Рама дека мора да го прифати барањето на опозицијата за техничка влада, во спротивно нема да има мир.

Ќе бидеме во акција секој ден“, изјави Нока.

Видете и ова: Опозицијата во Албанија запали столчиња пред парламентот

Демократската партија ги засили акциите против владата по одлуката за апсење на Ервин Салијани под обвинение за „лажно пријавување“, за кое тврди дека е политички мотивирано.

Полицијата соопшти дека ги преземала сите мерки за откривање и приведување на лицата кои учествувале во нападите во понеделникот врз полициски службеници и државни институции.

Молотов коктел бил фрлен и врз зградите на Министерството за внатрешни работи и на општина Тирана.

Полицијата го запре автомобилскиот сообраќај на патиштата што се поврзуваат со центарот на Тирана.

Опозициски протест во Тирана

Салијани од Демократската партија минатиот месец беше прогласен за виновен за давање лажно сведочење во случајот за шверц на дрога, насочен кон братот на пратеникот на владејачката Социјалистичка партија. Судиите се сомневаа дека некои опозиционери направиле лажни снимки.

Од одлуката на Судот за апсење на Салијањи, опозицијата спроведе неколку акции, меѓу кои палење столови пред Собранието и четири кукли, од кои две беа со ликот на албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај.

Претседателот на Демократската партија Сали Бериша во последниот говор од куќниот притвор рече дека секој демократ е подготвен да се жртвува.

„Демократите го лансираат својот револт, својот гнев. Од 7 октомври до нашиот триумф, нема сила во светот што може да не порази“, рече Бериша.

Протест на опозицијата во Тирана

Бериша е во домашен притвор од декември минатата година под обвинение за „пасивна корупција“ за време на неговиот мандат од 2005 до 2013 година.

Тој ги отфрли обвинувањата против него како политички мотивирани и го обвини Рама дека стои зад нив додека Албанија се подготвува за парламентарните избори следната година.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија изразија загриженост и жалење за сцените видени во двете претходни акции на опозицијата и повикаа на дијалог.