Најмалку 18 загинати во израелски воздушен напад врз џамија во Газа

Последици од израелски напади врз куќи, во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа

Во очигледен израелски воздушен напад рано утрово (6 октомври) загинаа најмалку 18 лица во центарот на Газа, соопштија палестинските медицински претставници.

Нападот ја погоди џамијата во која се сместени засолништа за раселените лица во близина на болницата Ал Акса во градот Деир ал Балах, се вели во соопштението на болницата.

Новинар на Асошиетед прес ги броел телата во болничката мртовечница. Болничките досиеја покажуваат дека сите загинати се од машки пол. Уште двајца мажи се тешко ранети, соопшти болницата.хеб

Израелската армија веднаш не го коментираше нападот на џамијата.

Според палестинското Министерство за здравство, најновите напади го зголемуваат бројот на загинати во Газа, кој се приближува до 42.000. Министерството не прави разлика меѓу смртни случаи на цивили и милитанти, но многу од загинатите се жени и деца.

Овој напад се случува по израелското бомбардирање на Либан во саботата.

Видете и ова: Експлозии во Бејрут, во тек се борби меѓу Хезболах и израелската армија

Илјадници луѓе во Либан, вклучително и палестински бегалци, продолжија да бегаат од конфликтот што се проширува во регионот, додека ширум светот се одржуваа собири по повод годишнината од почетокот на војната во Газа.

Силните експлозии во саботата започнаа околу полноќ и продолжија во неделата (6 октомври), откако израелската армија ги повика жителите да ги евакуираат областите во Дахије, претежно шиитска заедница на јужниот раб на Бејрут.

Израелската војска потврди дека погодила цели во близина на Бејрут и соопшти дека околу 30 проектили преминале од Либан на израелска територија, а некои од нив биле пресретнати.

Хезболах - либанска група поддржана од Иран, која САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент - во соопштението тврди дека успешно нападнал група израелски војници во близина на населбата Манара во северниот дел на Израел.

Во саботата, израелски напад врз северниот камп Бедави уби официјален претставник на военото крило на Хамас, заедно со неговата сопруга и двете мали ќерки, соопшти палестинската милитантна група.

Хамас- која е означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ, подоцна соопшти дека уште еден член на неговото воено крило бил убиен во израелски напади во долината Бека во источен Либан.

Израел уби неколку претставници на Хамас во Либан од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.

Најмалку 1.400 Либанци, вклучувајќи цивили, медицински лица и борци на Хезболах, беа убиени, а 1,2 милиони протерани од своите домови за помалку од две седмици. Израел вели дека има за цел да ја избрка милитантната група од заедничките граници за раселените Израелци да можат да се вратат во своите домови.

Хезболах, поддржан од Иран, почнаа да гаѓа ракети кон Израел речиси веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври, нарекувајќи го тоа знак на поддршка за Палестинците.

Хезболах и израелската армија речиси секојдневно разменуваат оган.