Неколку илјади граѓани денеска (5 октомври) одржаа протест во Тузла, Босна и Херцеговина, поради проблемите што настанаа во врска со набавката на линеарен акцелератор за Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) Тузла.
Заболените од рак во Тузла речиси 600 дена чекаат клиничкиот центар да набави апарат за зрачење и да им ја обезбеди потребната терапија.
Радиотерапијата беше прекината во февруари минатата година, поради истрошеност и неодржување на апаратот.
Оттогаш, околу 200 пациенти патуваат стотици километри до болниците во Сараево, Мостар и Зеница на лекување.
Од УКЦ Тузла пред неколку дена беше соопштено дека е завршена постапката за доделување на договорот за набавка на линеарен акцелератор.
„Во наредните денови ќе се потпише договор со избраниот понудувач Inel-Med d.o.o.Mostar, по што ќе следи демонтажа на опремата која е вон употреба и ќе се вгради комплетен нов систем. Во текот на овие работи кои не смеат надминуваат 180 дена, договорот предвидува обука на персоналот УКЦ Тузла, кој ќе работи со опрема за радиотерапија“, соопштија од оваа здравствена установа.
Болницата се обидува да купи нов апарат од март 2023 година.
Три пати беше поништен тендерот за набавка на нов уред. Жалбата секој пат ја поднесуваше компанијата Сименс медицина Сараево.
Компанијата го обвини клиничкиот центар дека се обидел да му ја „намести“ работата на одреден производител.
Од центарот ги отфрлија обвинувањата.
И набавката на опрема за радиотерапија стана предмет на истрага на обвинителството, но сѐ уште нема резултати.
На 28 мај полицијата запленила документација и доказни материјали поврзани со набавка на апарати за радиотерапија и придружна опрема за лекување на онколошки пациенти во Универзитетскиот клинички центар во Тузла и на други локации, соопшти тогаш обвинителството во Тузла.
Тие не прецизираа за кои други локации се работи.
Видете и ова:
Метастазираат проблемите на ОнкологијаСтанува збор за продолжување на проверките со цел да се утврди дали при набавка на апарати за радиотерапија во таа медицинска установа се фаворизира некој од добавувачите, се додава во соопштението.
До февруари 2023 година, клиничкиот центар во Тузла имаше два апарати за радиотерапија кои беа во употреба 15 години.
Тие се запечатени и забранети по барање на државната Агенција за радијациона сигурност поради истекување на гаранцијата и несервисирање.
После тоа, обвинителството во Тузла покрена истрага за да се утврди дали евентуално е нарушено здравјето на пациентите со нивната употреба.
Невладината организација „Пратимо тендере.ба“ предупредува дека 90 отсто од јавните набавки се предмет на корупција и други злоупотреби.