Пакистанската војска соопшти дека шест нејзини војници, вклучително и еден висок офицер, биле убиени вечерта на 4 октомври, кога воен конвој бил нападнат од милитанти во немирниот северозапад на земјата.
Војската го идентификуваше убиениот офицер во денешната изјава (5 октомври) како потполковник Мухамед Али Шукат. Шест милитанти, чија припадност не беше прецизирана, исто така беа убиени во судирот што се случи во Северен Вазиристан, племенски округ во провинцијата Хајбер Пахтунхва, во близина на границата со Авганистан.
Ниту една група не презеде одговорност за нападот.
Според соопштението, операциите за пребарување и спасување продолжуваат. Извор од окружната разузнавачка агенција за РСЕ Радио Машаал, под услов да остане анонимен, изјави дека 24 војници биле повредени во „интензивната размена на оган“.
Северен Вазиристан одамна е плодна почва за милитантите кои дејствуваат од двете страни на границата. Во последниве години, цивили и безбедносни сили беа убиени во целни убиства, а пакистанските власти велат дека нападите се во пораст во последните месеци. Многу од нив беа преземени од пакистанските талибанци (ТТП).
Видете и ова: Пакистанската полиција се судри со приврзаниците на поранешниот премиер Кан во ИсламабадОткако авганистанските талибанци се вратија на власт по повлекувањето на силите предводени од САД од земјата, многу членови на ТТП, наводно, нашле засолниште во Авганистан, користејќи го за почести напади врз пакистанските војници и цивили.
Немирите во Северен Вазиристан и другите области на провинцијата Хајбер Пахтунхва доведоа до масовни протести на цивили кои повикаа на поголема безбедност, но исто така изразија загриженост дека цивилите може да бидат малтретирани или уапсени за време на воената офанзива.
Централната влада и пакистанската војска соопштија дека се посветени на ставање крај на тероризмот во регионот и дека ќе продолжат да ги таргетираат милитантите.
Во 2014 година пакистанската војска започна двегодишна воена операција во Северен Вазиристан за која тврдеше дека резултирала со отстранување на милитантите од регионот.
Офанзивата значително го наруши животот на цивилите. Милиони луѓе останаа без покрив над главата. Многумина се вратија во областа во 2016 година, но мирот беше нарушен кога нападите на милитантите продолжија во 2018 година.