Европската унија(ЕУ) на 2 октомври направи чекор да ја санкционира Русија поради серија неодамнешни хибридни напади и саботажи низ Европа, јави Ројтерс повикувајќи се на изјави на дипломати.
ЕУ и НАТО ја обвинија Москва дека стои зад серија инциденти чија цел е дестабилизација на Западот, додека двете страни се во судир поради војната на Кремљ против Украина.
Властите на неколку земји на ЕУ - вклучувајќи ги и Германија, Полска, Литванија, Летонија и Естонија - пријавија откривање заговори или инциденти, вклучително и подметнување пожари што последниве месеци ги планирала Москва.
Видете и ова: Балтикот и Полска бараат пари од ЕУ за одбранбена линија со РусијаНа состанокот на 27 земји од ЕУ во Брисел, амбасадорите на земјите-членки одобрија воспоставување нова правна рамка за воведување визни забрани и замрзнување на имотот на одговорните за нападите.
Откако текстот ќе биде официјално потпишан следната недела, ЕУ може потоа да ги додаде имињата на одредени руски агенти или ентитети на црната листа, велат дипломати за Ројтерс.
Земјите од ЕУ со Соединетите американски држави(САД) ѝ пружија голема поддршка на Украина откако Кремљ ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.
ЕУ веќе воведе 14 рунди санкции без преседан против Русија. Во обид да ги ограничат злонамерните активности на Москва, голем број земји од ЕУ, предводени од Чешка, се обидоа да воведат мерки за да ги спречат руските дипломати слободно да се движат во ЕУ.
Досега нема едногласна поддршка за овој потег, а Унгарија - најпријателската земја на Москва во европскиот блок - неодамна ги вознемири своите колеги од ЕУ со олеснување на визните правила за Русите.