Вооружените сили на БиХ го подигнаа нивото на безбедност во воените објекти поради закани

Илустрација: Вооружени сили на БиХ

Вооружените сили на Босна и Херцеговина го подигнаа нивото на безбедност во воените објекти поради закани со бомби, потврди за Радио Слободна Европа заменик министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Александар Гогановиќ.

„Се појавија наводи за одредени закани, надлежните институции спроведуваат истрага и не сакаме да коментираме до крајот на истрагата. Министерството за одбрана и Заедничкот штаб на вооружените сили на Босна и Херцеговина презедоа оперативните мерки за заштита на персоналот, објектите и материјалните средства на воените локации како мерка на претпазливост“, изјави Гогановиќ за РСЕ.

Тој додава дека нема официјална потврда дека безбедносната ситуација во БиХ е загрозена и граѓаните треба да останат смирени.

Видете и ова: Лидерите на Западен Балкан на разговор за реформската агенда во Брисел

Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, на Фејсбук објави дека мерките се од „превентивен карактер“ и ќе останат во сила до понатамошно известување.

Во попладневните часови во вторникот, на 1 октомври, вооружените сили на БиХ добиле дојава преку е-пошта за можна поставена експлозивна направа, рекоа од Агенцијата за истрага и заштита (СИПА) за РСЕ, без да ја прецизираат локацијата.

Агенцијата наведе дека на барање на Обвинителството на БиХ, интензивно се работи на пронаоѓање на ИП адресата на лицето кое ја испратило заканата.

За заканата за бомба во вооружените сили на БиХ, СИПА ги информирала НАТО, ФБИ и Европол, како и локалните полициски агенции во Босна и Херцеговина.