Во Белград протест против ископот на литиум

Протест во Белград, 30 септември 2024 г.

Вечерва (30 септември) пред парламентот на Србија започна протест против ископувањето на литиум откако во Собранието не се одржа најавената расправа за експлоатација на литиум, која ја бараше опозицијата.

Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, изјави дека за време на вонредната седница ќе нема време да се расправа за ископот на литиум, но оти ќе закаже редовна седница за 7 октомври на која ќе се најде предлог-законот за оваа проблематика поднесен од опозицијата.

Златко Кокановиќ од здружението „Не го даваме Јадар“ на протестот рече дека власта се плаши од граѓаните кои се против ископ на литиум.

„Вчера закажаа седница, за денеска да размислат дали да ја одржат или не“, рече Кокановиќ.

Видете и ова:

Директорот на Рио Тинто обвинува за ширење дезинформации за проектот Јадар во Србија

Тој порача дека народот нема да дозволи ископ на литиум и бор.

„Од вашите акции зависат нашите реакции. Знаеме дека не даваме и нема да копате“, рече Кокановиќ на протестот.

Тој додаде дека државниот врв и Владата на Србија „лобираат за Рио Тинто“.

„Се прашуваме дали се на платен список на компанијата или компанијата е дел од Владата“, вели Кокановиќ.

Тој рече и дека кога и да се одржи седницата на Собранието и каков и да е исходот од гласањето, противниците на рудникот за литиум нема да се откажат.

Парламентарната опозиција на 10 септември поднесе барање до Собранието за одржување на вонредна седница во врска со предлог-измени на законот за рударство и енергетика што ги поднесе, а кои се поврзани со забрана за применети истражувања и експлоатација на литиум и бор.

Видете и ова:

„Одеднаш се разгореа“: Протести низ Србија против ископ на литиум

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тој предлог на опозицијата го оцени како „имбецилен, неписмен и глупав“.

Во понеделникот Брнабиќ ги обвини членовите на опозицијата дека „прават се за да ја одложат дебатата“.

Таа обвини дека пратениците на опозицијата цело време „вршеле опструкции“, бидејќи се „срамеле од предлог-законот што го поднеле“.

„Тие не сакаат да ги покажеме невистините што ги изнесоа во тој предлог-закон, како и какво влијание би имал тој закон врз странските и домашните инвестиции“, рече Брнабиќ.

Српската влада летово го обнови планот на меѓународниот рударски гигант „Рио Тинто“ за отворање рудник за литиум во долината Јадар на западот на Србија, иако пред две години, под притисок на еколошките протести, проектот беше стопиран.

Беа организирани и протести во десетици градови низ Србија.

Видете и ова:

Германска компанија ќе отвори фабрика за литиум-јонски батерии во Северна Македонија

Дел од граѓаните и еколошките активисти се против експлоатација на литиум и бор поради, како што велат, големиот ризик за животната средина.

Од „Рио Тинто“ претходно во одговор до РСЕ изјавија дека „домашни и меѓународни експерти потврдиле дека проектот ’Јадар‘ може да се спроведе безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“.

Сепак, бројни експерти од Србија и од странство посочуваат дека во процесот на експлоатација на литиум неминовно има и еколошки последици, пред сè загадување на речниот слив и земјиштето.

Активистите во Србија потсетуваат и дека компанијата „Рио Тинто“ во својата долга историја се соочила со неколку обвинувања за уништување на животната средина или кршење на човековите права.