Училиштата во Непал беа затворени три дена по поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикани од дожд низ целата земја, при што загинаа 151 лице, а 56 се водат како исчезнати.
Поради поплавите, сообраќајот и секојдневните активности беа запрени во областа Катманду, каде беа регистрирани 37 смртни случаи. Во тој регион живеат околу четири милиони луѓе.
„Ги повикавме релевантните власти да ги затворат училиштата во погодените области на три дена“, изјави за Ројтерс портпаролката на Министерството за образование Лакшми Батараи.
Обилните врнежи се намалуваат, но метеоролозите предвидуваат дека изолираните врнежи ќе продолжат.
Сезоната на монсуните носи дожд и поплави во Непал секоја година, но научниците велат дека врнежите стануваат поинтензивни поради климатските промени.
„Никогаш досега не сум видел поплави од оваа големина во Катманду“, рече Арун Бакта Шреста, службеник за еколошки ризик во Меѓународниот центар за интегриран планински развој.
Околу 10.000 полицајци, доброволци и војници се мобилизирани да помогнат во спасувањето и потрагата по исчезнатите во поплавите, јавуваа државните непалски медиуми.
Владата на Непал ги повика луѓето да избегнуваат непотребни патувања, ноќното возење е забрането во областа Катманду, а многу домашни летови се откажани.