Судот во Јапонија ослободи 88-годишен старец кој најдолго во светот беше осуден на смрт, откако беше утврдено дека доказите против него се лажни.
Како што објави Би-Би-Си на 26 септември, во 1968 година Ивао Хакамада бил прогласен за виновен за убиство на неговиот работодавец и неговото семејство: сопругата и двете деца тинејџери, во фабрика за тадиционалната супа „мисо“ во 1966 година во Токио.
Пред една година почна неговото повторно судење поради сомневање дека истражителите подметнале докази што довело до негово осудување за четирикратно убиство. Во повтореното судење беше утврдено дека ДНК пронајдена во крвта на облеката на жртвите не е на Хакамада.
Ивао Хакамада, поранешен професионален боксер, го призна убиството пред 56 години за време на дваесетдневното испрашување во кое бил претепан, но на судењето го повлече признанието.
Видете и ова: Германец осуден на смрт со стрелање во Белорусија, тврди група за човекови праваОрганизациите за човекови права ја критикуваа практиката на јапонското обвинителство да прифаќа признанија дадени за време на истрагите, тврдејќи дека полицијата ги изнудува преку тепање.
Последниот ден од судењето на 26 септември во Токио привлече огромно внимание кај јапонската јавност. Како што пренесува АП, околу 500 луѓе чекале во ред за да добијат место во локалната судница.
Кога беше објавена пресудата, приврзаниците на Хакамада пред судот скандираа „банзаи“ - „ура“ на јапонски.
Хакамада е петтиот осуденик на смрт во Јапонија од Втората светска војна на кој му е одобрено повторно судење.
Тој не беше во судницата поради лоша психичка состојба. Од 2014 година, кога излезе од затвор и му беше одобрено повторно судење, неговата 91-годишна сестра Хидеико се грижи за него.
Деценискиот притвор, главно во самица, и постојаната закана од егзекуција, се вели дека земале значаен данок врз менталното здравје на Хакамада.