Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, заедно со делегација на унгарската Влада, на 26 и 27 септември, ќе биде во официјална посета на Северна Македонија.
Орбан и членовите на неговата влада ќе престојуваат во Охрид, каде во премиерската вила ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Во еден од охридските хотели, според најавата, владите на Северна Македонија и на Унгарија ќе одржат и заедничката седница.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски важат за блиски со Орбан и неговата партија Фидес.
Видете и ова: Мицкоски со Орбан договорил унгарски кредит од 500 милиони евраНабргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори Северна Македонија да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра.
На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.
Инаку, во Унгарија се наоѓа и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. По паѓањето од власт, додека во земјава се водеа повеќе судски случаи против него, Груевски во ноември 2018 избега во Будимпешта каде доби политички азил.