Нова група волонтери од американскиот Мировен корпус пристигна во Скопје

илустрација

Триесет и осум Американци вчера пристигнале во земјава за да служат како волонтери во Мировниот корпус. Тие ќе волонтираат во различни институции и организации низ земјата, каде што ќе го споделат своето знаење и искуство. Во државата ќе останат две години.

„Мировниот корпус го поздравува пристигнувањето на 38 Американци во државата кои ја претставуваат 27-та група волонтери на Мировниот корпус која ќе служи во Северна Македонија. Овие 38 Американци ќе бидат распределени да живеат и работат во различни заедници низ целата земја. Мировниот корпус е благодарен за соработката со Владата и нашите партнери, со која успеавме да поддржиме речиси 900 волонтери да служат овде од 1996 година па сè до денес“, истакна директорот на Мировниот корпус Дејвид Рисајд.

Видете и ова: Задоволство од соработката со Американскиот мировен корпус

За време на нивниот двегодишен престој, волонтерите ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во полето на развој на заедницата во невладините организации и општините.

„Мировниот корпус има одлична соработка со своите локални и национални партнери и ги спроведува своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука и Министерството за локална самоуправа“, велат од Мировниот корпус.

Ова е 27-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Северна Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе ја запознаат македонската култура.

Својата служба во земјата ќе ја започнат официјално во декември. Мировниот корпус својата мисија во државата ја почна во 1996 година и досега волонтирале над 800 Американци.