Сиљановска Давкова во ОН побара пресудите на Хаг да бидат обврзувачки за сите

Гордана Сиљановска Давкова, Претседател на Северна Македонија

Меѓународниот суд на правдата мора да добие послина улога, а неговите пресуди да се задолжителни за сите. Ова го истакна Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова која се обрати на дел од сесиите посветени на т.н. Пакт за иднината, за кој се расправаше во Обединетите нации.
Со овој пакт се предвидува поголема меѓународна соработка со што ќе се работи на зачувување на мирот во светот.

„Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспарентноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите“, рече македонската претседателка во обраќањето.

Видете и ова: „Одлична и конструктивна средба“ Муцунски и Герапетритис заеднички ќе работат на обврските од Преспанскиот договор

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на истите сесии истакна дека земјите мора да ја вратат меѓусебната доверба во период на глобални тензии, како што се руската агресија против Украина и случувањата во Газа и Блискиот исток.

Земјите-членки на ОН го усвоија Пактот за иднината, со кој се обврзуваат да исцртаат „подобра иднина“ за човештвото заглавено во војни, мизерија и климатско затоплување, и покрај противењето на неколку земји, вклучително и Русија. Пактот предвидува посветеност на мултилатерализмот, почитување на Повелбата на ОН и зачувување на мирот, а се повикува и на реформи на меѓународните финансиски институции и Советот за безбедност на ОН.