Шри Ланка доби нов претседател

Новиот претседател на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајаке

Новиот претседател на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајаке, положи заклетва и вети дека ќе „испише нови страници на историјата“ за земјата, која се опоравува од најголемата финансиска криза во последните децении.

Дисанајаке (55) ги победи претседателот Ранил Викремесинг и лидерот на опозицијата Саџит Премадаса и стана десеттиот претседател на Шри Ланка.

Изборите, исто така, претставуваа референдум за Викремесинг кој го води бавното закрепнување на многу задолжената земја од финансискиот колапс во 2022 година.

Мерките за штедење кои беа клучни за тоа закрепнување придонесоа за неговиот пораз.

Видете и ова: Актуелниот премиер Викремесинг избран за нов претседател на Шри Ланка

Дисанајаке освои 5,6 милиони или 42,3 отсто од гласовите, што е огромен скок од трите отсто што ги доби на последните претседателски избори во 2019 година.

Премадаса беше втор со 32,8 отсто по првиот круг пребројување на гласовите.

По втор пат во историјата на Шри Ланка, претседателската трка беше решена со втор круг пребројување, откако првите двајца кандидати не ги освоија потребните 50 отсто од гласовите за да бидат прогласени за победници на изборите.