Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска (23 септември) ќе има средба со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис. Ова е прва средба меѓу двајцата министри, која ќе се одржи на маргините на 79-тото Генерално собрание на ОН.
На средбата, како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна тровија, ќе се разговара за актуелните регионални и меѓународни теми, како и за понатамошното продлабочување на билатералните односи и економската соработка меѓу двете земји.
Средбата ја потврдија и од грчкото МНР, посочувајќи дека на маргините на Генералното собрание, Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија.
Шефовите на дипломатиите на двете земји првпат ќе имаат билатерална средба. На средината на јули, Муцунски и Герапетритис остварија телефонски разговор, а во фокусот беше справувањето со пожарите што тогаш беа активни кај нас.
Видете и ова: Сиљановска Давкова на 79. Генерално Собрание на ОН во ЊујоркМуцунски и Герапетритис денеска ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.
Mинистерот Муцунски, како што најавија од ресорното министерство, ќе има значајни средби со претставници на земјите од А5, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, и ќе оствари билатерални средби со министри за надворешни работи на повеќе земји. Исто така, тој ќе одржи бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.