Србија е решена да ги зајакне севкупните билатерални односи со Соединетите Американски Држави (САД), особено на економскo ниво, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во објава на својот Инстаграм профил по средбата со командантот на Националната гарда на Охајо, генерал-мајор Џон Харис.
„Со задоволство ја констатиравме заедничката искрена посветеност за продолжување на успешната соработка меѓу Србија и Националната гарда на Охајо и презентиравме предлози за можностите за нејзино подобрување“, напиша Вучиќ.
Тој се сретна со Харис во Белград на 20 септември, ден пред 80-годишнината од мисијата „Халиард“, спасувањето на сојузничките пилоти од окупирана Србија во 1944 година.
Видете и ова: Лидерите на Западен Балкан на разговор за реформската агенда во БриселЕдна од темите на разговор била безбедносната ситуација на Косово, а Вучиќ побара од Харис „посилна поддршка од САД“ за заштита на Србите и обезбедување на нивните права.
Српската армија и Националната гарда на Охајо имаат долгогодишна соработка во рамките на Програмата за државно партнерство на Србија и американската сојузна држава Охајо.
Покрај одбраната, Србија и САД работат и на интензивирање на соработката во областа на енергетиката.
Договорот за стратешка соработка во областа на енергетиката меѓу Србија и САД беше потпишан на 18 септември во Вашингтон од страна на американскиот потсекретар за економски раст, енергетика и животна средина Хозе Фернандез и министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ.