Шин Бет разоткри план за атентат врз израелски лидери од страна на Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелски цивил бил уапсен минатиот месец под сомнение дека бил регрутиран од Иран за да изврши атентат врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант или шефот на безбедносната служба Шин Бет, Ронен Бар, соопштија денеска Шин Бет и полицијата.

Претставници на Шин Бет и полицијата информираа дека осомничениот двапати бил прошверцуван во Иран и дека добил пари за мисијата, пренесува Тајмс оф Израел. Осомничениот, кој не е именуван, денеска е обвинет.

Според полицијата, „бизнисмен кој долго време живеел во Турција“ бил уапсен и одржувал врски со турски и ирански лица кои телефонски го запознале со ирански бизнисмен по име Еди, соопшти полицијата.

Полицијата објави дека тој првпат го посетил Иран во мај 2024 година, кога од него било побарано да изврши безбедносни мисии во Израел, вклучително и пренос на „пари или оружје“, и фотографирање јавни места.

Видете и ова: Можната војна меѓу Иран и Израел го носи Блискиот Исток до „најопасниот момент“

Некои од предложените атентати, соопшти полицијата, наводно биле „одмазда за атентатот на политичкиот шеф на милитантната организација Хамас, Исмаил Ханије, во јули во Техеран, пренесува АФП.

Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.

Иран и Хамас го обвинија Израел дека стои зад смртта на Ханије.