Регистрирани нови 57 случаи на ковид, починале четири лица

Брзи тестови за проверка на вирусот SARS-CoV-2

Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица, две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, a највисока инциденца е регистрирана во Делчево.

Видете и ова:

За една недела, нови 131 заболени од Ковид-19

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.

Во текот на 2024 година, а заклучно со 15-ти месецов, во земјава се регистрирани вкупно 1560 заболени и 20 починати лица асоцирани со Ковид-19.

Од појавата на првиот случај на Ковид-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351 876 заболени со Ковид-19 и 9999 починати лица асоцирани со овој вирус.