Московскиот суд се согласи да продолжи со судењето на францускиот државјанин Лоран Винатје по „посебен налог“ - кој гарантира полесна казна - откако тој се изјасни виновен по обвинението за избегнување на одговорностите на „ странски агент“, јавија руските медиуми на 16 септември.
Откако беше поднесена молбата на Винатје, истражителите ги отфрлија обвиненијата за шпионажа против него, по неговото апсење во јуни.
Судењето по „посебен налог“ значи дека судот не може да осуди обвинетиот на повеќе од две третини од максималната затворска казна. Во случајот на Винатје, тој не може да биде осуден на повеќе од две третини од петгодишната казна со која се соочува, што значи дека неговата евентуална затворска казна не може да надмине 40 месеци.
Видете и ова: Руски новинар осуден во отсуство за кршење на „законот за странски агенти“Винатје работеше како советник за Русија и Евроазија во Центарот за хуманитарен дијалог, непрофитна организација со седиште во Швајцарија. Тој продолжи да доаѓа во Русија по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Тој беше осомничен дека неколку години „намерно собирал информации од областа на воените и воено-техничките активности на Руската Федерација“.
„Овие информации, кога се добиени од странски извори, може да се искористат против безбедноста на државата. За овие цели тој неколку пати ја посетил територијата на Русија, вклучително и градот Москва, каде што имал средби со граѓани, соопштија од рускиот Истражен комитет.
Истражителите тогаш рекоа дека Французинот ќе биде обвинет според руските закони затоа што не се регистрирал како „странски агент“, што предвидува казна до пет години затвор.